На Македонската берза денеска ќе се одржи 5. Инвеститорски ден.
Ќе се вкучат Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ), сите десет членки на Берзата, а иницијативата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
На Инвеститорскиот ден, сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.
Ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.
Ќе треба да бидат исполнети следните услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата, износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10,000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен и трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Целта е промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава, велат од Македонска берза.
Во инвеститорскиот ден на Берзата ќе се вклучат сите членки: Еурохаус АД Скопје, Илирика Инвестментс АД Скопје, Инвестброкер АД Скопје, Иново Брокер АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Фершпед брокер АД Скопје, Шпаркасе Банка АД Скопје.