Избрани најдобрата фотографија и најдобриот навивачки транспарент од WizzAir Скопски маратон

54

Овогодинешниот WizzAir Скопски Маратон беше најмасовната спортска манифестација во нашата држава која некогаш се организирала. Преку 6.000 учесници во сите трки кои се одржаа во рамки на целосната организација и скоро исто толку луѓе кои излегоа на улиците низ Скопје да ги бодрат маратонците.

Мотив плус за публиката да излезе и навива беше и објавениот конкурс за најдобра фотографија и конкурсот за најдобар транспарент кој ги поттикна нашите граѓани да ја изразат својата креативност.

Во конкурсот за најдобар навивачки транспарент се пријавија 36 автори со вкупно 48 транспаренти, а жири комисијата одбра десет финалисти од кои трето место и награда пет книги од издавачка куќа Темплум во вредност од 1.500 денари освои Ана Петровска. Второто место и награда десет книги од издавачката куѓа Темплум во вредност од 3.000 денари освои Огнен Јовановски, додека пак првото место и награда WizzAir билет освои Злата Ѓуровска Брајовиќ.

Во конкурсот пак за најдобра фотографија се пријавија 75 автори со вкупно 139 фотографии. Од дванаесете финалисти жири комисијата одлучи третото место и наградата вредносен ваучер од Nike во износ од 2.000 денари да му припадне на Ѓоко Петковски. Второто место и наградата вредносен ваучер од Nike во износ од 3.000 денари да му припадне на Томислав Георгиев, а пак првото место и наградата вредносен ваучер од Nike во износ од 4.000 денари да му припадне на Роберт Атанасовски.

WizzAir Скопски маратон изразува благодарност до сите креативни граѓани кои земаа учество во конкурсите и на тој начин придонесоа кон прекрасната атмосфера во градот, храбрејќи ги и поддржувајќи ги учесниците на маратонот, а воедно и до сите фотографи/фотографки кои учествуваа на конкурсот и со тоа ја збогатија фото-архивата на маратонот.

Десетте финалисти на конкурсот за најдобар навивачки транспарент од Виз Ер Скопски маратон, добиваат сертификат за пласман во финалето.