Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари ‒ март 2020 година, изнесува 1.407.739.000 евра и бележи пад од 8,2% во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.918.367.000 евра, што е за 3,6% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ март 2020 година, изнесува 510.628.000 евра.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари ‒ март 2020, изнесува 73,4%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари ‒ март 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
Фото: Pixabay