Во Македонија се продава најевтино дизел гориво во регионот, чија цена е 41 денар за литар (0,67 евра), покажуваат податоците на порталот Global petrol prices.
Во светски рамки ова гориво е најевтино во Венецуела, чија цена заклучно со 22-ри февруари е 0,01 евро. Земји коишто се најдоа на првите неколку позиции по ниската цена на дизелот во светски рамки се и: Иран (0,09 евра за литар), Алжир (0,16 евра за литар), Саудиска Арабија (0,18 евра за литар) и Египет каде литар дизел се продава по 0,21 евро.
Возачите во Норвешка го купуваат најскапото дизел гориво, коешто чини 1,36 евра за еден литар. Во Велика Британија еден литар дизел гориво се продава по цена од 1,30 евра. Потоа следи Шведска, каде што цената на ова гориво е 1,26 евра за литар, додека во Израел чини 1,24 евра, а исто толку и во Швајцарија.
Кога се прави споредба со цените на дизелот меѓу земјите од регионот, зад Македонија е Босна и Херцеговина каде еден литар од ова гориво чини 0,82 евра. По нив следат: Црна Гора (0,84 евра за литар), Хрватска (0,97 евра за литар), Хрватска (0,97 евра за еден литар). Грција е следна со 0,98 евра за литар дизел, додека во Словенија ова гориво се продава по цена од 0,99 евра за литар. Над едно евро, односно 1,01 евро се продава дизелот во Србија, додека во Турција неговата цена е 1,04 евра. На регионално ниво, Албанија продава најскап дизел – 1,12 евра.
“Просечната цена на дизелот во светот на 22-ри февруари е 0,73 евра за литар, но постојат големи разлики меѓу земјите. Богатите држави имаат повисоки цени, а сиромашните и земјите што произведуваат и извезуваат нафта имаат значително пониски цени. Исклучок се САД, коишто се економски развиени земји, но имаат ниска цена на дизелот. Разликите во цените на дизелот во одредени земји е резултат на различното оданочување и субвенционирање на дизелот. Сите земји купуваат нафта на меѓународните пазари по исти цени, но наметнуваат различни давачки. Поради тоа, малопродажната цена на дизелот е различна. Во некои случаи, како што е Венецуела, владата го субвенционира дизелот и затоа луѓето таму не плаќаат скоро ништо за да ги возат нивните возила“, стои на страната на Global petrol prices.