Каква е безбедноста на производите купени онлајн?

57

Две третини од 250 производи купени онлајн, паднаа на тестовите за безбедност на потрошувачките организации, пренесува Организација на потрошувачи на Македонија, во својот редовен месечен билтен.

Шест потрошувачки организации од мрежата на Европската организација на потрошувачите (BEUC) тестираа 250 електрични уреди, играчки, козметика и други продукти купени од онлајн продавници, како што се Amazon, AliExpress, eBay и Wish. Тие ги проценија ризиците од производите и открија дека 66% од нив ги прекршуваат правилата за безбедност на ЕУ со можни последици како што се електричен удар, пожар или задушување.

Безбедносните тестови открија нефункционални вградливи аларми за чад и јаглерод моноксид, играчки што содржат хемикалии 200 пати над дозволените граници, или батерии за телефони и таблети кои се топат за време на употребата. Во некои случаи, употребата на вакви производи може и да го загрози животот на потрошувачите. Иако интернет продавниците честопати ги повлекуваат производите кога ќе бидат информирани за недостатоците, тие повторно се појавуваат. Еден од најголемите проблеми е што сајтовите за продажба не сметаат дека се одговорни за безбедноста на производите што се продаваат на нивните платформи и затоа се чини дека однапред не ја контролираат доволно кредибилноста на продавачите.

“Тестовите на потрошувачките организации покажуваат дека купувањето на интернет не е толку безбедно како во конвенционалната трговија. Продажните сајтови не успеваат да ги спречат опасните производи да се појават на нивните страници. На пример, ако купите детектори за чад што не можат да го детектираат чадот тоа може да резултира со трагични последици. Потрошувачките организации во повеќе наврати имаат реагирано до интернет продавниците за небезбедните производи, по што продажните места ги отстрануваат огласите за овие производи. Но, ова не може да стане начин на работење што ќе ја зачува безбедноста на потрошувачите, бидејќи повторно се појавуваат слични или нови опасни производи. Време е ЕУ да бара одговорност од интернет продавниците за опасни производи што се продаваат на нивните страници, а властите да ги стават под поголема контрола. Во иднина, ова треба да ги направи сајтовите претпазливи и да ги спречи потрошувачите да бидат изложени на небезбедни производи, што би бил најефикасен начин за нивна заштита“, вели Моник Гојенс, генерален директор на Европската организација на потрошувачите (BEUC).

При тестирањето, производите прво биле визуелно прегледани. Во некои случаи, ова било доволно да бидат прогласени за небезбедни. На пример, играчки со лабави компоненти или дуксери за деца со врвки кои се премногу долги. Повеќето производи, како што е пластична кукла со остар мирис, барале подетални испитувања. Поради тоа, разновидни производи како накит, аларми за чад и светилки за новогодишни елки биле тестирани во лабораторија.

Фото: Pexels