По 11-часовни преговори, светскиот милијардер Карлос Слим постигна договор со Владата на Австрија, кој што му овозможува контрола врз Телеком Австрија, пренесува Reuters.
Со овој договор Слим го проширува својот бизнис надвор од границите на Америка и создава своевидна база во Европа. America Movil, телекомуникацискиот гигант на Слим, кој во Латинска Америка се соочува со зајакната регулација и конкуренција, веќе подолго време е во потрага по начин за влез на европскиот пазар.
Компанијата на светскиот милијардер, според договореното, со една милијарда евра ќе го докапитализира Телеком Австрија, со што ќе се изедначи со уделот на австрискиот државен холдинг OIAG.
Шефот на OIAG, Рудолф Крамер, рекол дека договорот предвидува вето на австрискиот холдинг, кој ќе задржи половина од клучната положба во телекомуникацискиот гигант и смета на огромен раст во централна и источна Европа. Сега America Movil и OIAG ќе имаат по 28,4% од Телеком Австрија, а за сите значајни одлуки, двата парнери мораат да одлучуваат едногласно.
На почетокот на оваа година, America Movil презеде една четвртина од уделот на австрискиот телекомуникациски монопол, што ја отвори вратата за преземање.
America Movil, по потпишување на договорот, објави дека стекнала оперативна одговорност во Телеком Австрија, кој веќе има свои активности во својата матична земја, како и во Белорусија, Бугарија, Хрватска, Србија, Македонија, Лихтенштајн и Словенија.