
Властите на шпанската област Каталонија одлучија да ги удвојат туристичките такси во регионот, како и да издвојат 25 отсто од вака добиениот приход за станбената политика, објавија денеска шпанските медиуми.
Портпаролот на локалниот парламент Дејвид Сид изјави дека мерката е донесена во договор со премиерот на Каталонија Салвадор Ила, објави државната телевизија Ртве.
Како што е објаснето, туристичките такси ќе изнесуваат најмногу 15 евра по лице за едно ноќевање во Барселона.
„Ова зголемување на данокот нема да го плаќаат хотелиерите, туку туристите“, посочи Сид, додавајќи дека мерката е целосно оправдана бидејќи Каталонија бележи рекорден број туристи и прилив на приходи од туризмот.
Според него, гостин кој може да плати од 300 до 400 евра дневно во хотел во Барселона, лесно може да издвои уште седум евра за ноќевање.
Како што изјави Сид, приходите остварени на овој начин мора да се распределат за изградба на станбен фонд, бидејќи Каталонија мора значително да ги зголеми средствата за таа намена, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека оваа мерка нема да го ограничи туризмот, во ситуација кога овој регион има рекорден број туристи, а е во согласност со она што го прават европските градови како Амстердам или Рим.