Управниот одбор на проектот Градење на посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите, на вториот состанок, разговараше за приоритетите на грантовата шема преку којашто ќе финансираат локални граѓански организации. Проектот го спроведуваат организациите Ромски Ресурсен Центар и КМОП од Атина, Грција, стои во соопштението.
Во Управниот одбор членуваат претставници од клучни министерства (Министерство за труд и социјална политика и Министерство за образование), претставници од граѓански организации и претставник од европската делегација. Тие ги разгледаа приоритетите, дадоа свои забелешки и ќе го следат развојот на клучните документи во следниот период. Она што е утврдено на состанокот е, кон веќе утврдените проблеми, да се додаде и вклучувањето на децата Роми без попреченост во специјалните училишта.
“Со реализација на грантовата шема за граѓанските организации ќе се работи на имплементација на приоритетите коишто се утврдени од анализите за мапа на ромската заедница и мапа на граѓанскиот сектор во Македонија. Особено е важно да се напомене дека грантовата шема ќе биде насочена кон унапредување на инклузијата на децата Роми во образовниот систем на локално ниво“, вели Себихан Демировски, програмски менаџер во Ромскиот ресурсен центар, што го реализира проектот заедно со грчката организација КМОП.
Според Марија Самарџиоска, директор во КМОП Скопје, грантовата шема ќе овозможи градење на капацитетите на локалните граѓански организации преку континуирана поддршка во процесот на имплементација на иницијативите. Таа објасни дека содржината на активностите зависи од локалните граѓански организации, но се очекува да се работи на зајакнување на инклузивното образование, ќе се преземаат акции против стереотипите и дискриминацијата, зголемување на бројот на стипендии за децата Роми од страна на локалните или националните институции, бизнис секторот или други организации, иницијативи за реинтеграција на децата со нарушено образование и секако, зголемување на свесноста кај родителите за важноста од образование.
Повикот за апликации ќе биде објавен во средината на ноември на веб страната на проектот, социјални медиуми и ќе бидат организирани инфо средби на кои подетално ќе се споделат критериумите, приоритетните области и процесот на аплицирање коишто ќе треба да го следат локалните граѓански организации.