Ќе се набавуваат 35 еко – автобуси на гас

44

Фото: Pexels

Нови нископодни еко – автобуси на гас ќе сообраќаат по главниот град. Со 10 милиони евра обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и 1,8 милиони евра од сопствени средства на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) ќе се набават до 35 автобуси. Автобусите ќе бидат вклучени во јавниот превоз најдоцна до почетокот на идната година, стои во соопштението.

Во Министерството за финансии беше потпишан договорот за заем меѓу ЕБОР и ЈСП, како и општинска и државна гаранција за договорот.

Заемот е доделен под исклучително поволни услови – каматна стапка од ЕУРИБОР плус 1%, рок на отплата од 10 години со три години грејс период.

“Нископодните автобуси на гас имаат значително помали емисии на јаглерод диоксид во однос на дизел – автобусите. Ова ќе придонесе во решавањето на проблемот со загадувањето. Новите автобуси ќе сообраќаат на поевтин енергенс во однос на двокатните. Исто така, ќе има заштеди и во однос на одржувањето“, рече Тевдовски.

Заменик директорот на ЕБОР О’Грејди рече дека покрај заемот, ќе биде доделен и грант средства за имплементација на проектот.

“Проектот ќе биде поддржан со 1,1 милион евра за техничка поддршка со кој ќе се финансира изработка на мерки за подобрување на оперативното и финансиското работење на ЈСП“, рече О’Грејди и дополни дека со овие мерки ќе се поддржи изработка на план за еколошки град, како и стратегија за реорганизација на автобусите.

Градоначалникот на Град Скопје Шилегов рече дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја донеле по спроведените тест возења на три различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Како што посочи, резултатите од овие тест возења покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.

“Обезбедувањето на одржлива урбана мобилност во градот, која целосно ќе излезе во пресрет на потребите на нашите сограѓани останува приоритет на кој планираме да останеме посветени и во иднина. Во таа насока работиме на подобрување на условите кои ги нуди ЈСП како сервис на граѓаните, а како резултат на тоа очекуваме зголемување на бројот на патници кои ќе го користат јавниот автобуски превоз. Тоа секако ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и што е најважно, ќе даде сериозен импакт во намалувањето на повеќе деценискиот проблем со аерозагадувањето“, рече Шилегов.

Директорот на ЈСП Чушков рече дека новите автобуси ќе им овозможат побрз и пофункционален јавен превоз на граѓаните.

“На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фреквенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси“, рече Чушков.

Користењето на возилата на гас, во голема мера ќе го намали и загадувањето на воздухот, бидејќи тие емитуваат значително помалку CO2, а речиси и да не емитуваат PM10 и PM25 честички.