Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе Заклучок за прекинување на поведената постапка по Барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на Макпетрол од страна на Balkan Petroleum Holding Limited.
“Постапката е прекината заради решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган. Заклучокот е врз основа на член 1 став 2 од Законот за преземање на акционерски друштва, како и врз основа на член 147 став 1 од Законот за општата управна постапка. Според овие законски одредби, ако КХВ како орган што ја води постапката, наиде на прашање, кое претставува самостојна правна целина во надлежност на друг орган, а без чие решение не може да се одлучи за поднесеното барање, КХВ ја прекинува постапката, додека надлежниот орган не се изјасни по претходното прашање“, стои во соопштението.
Постапката по Барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на Макпетрол АД Скопје, поднесено од страна на Balkan Petroleum Holding Limited, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ќе ја продолжи по решавање на претходното прашање од страна на надлежниот државен орган.