Извршниот директор на Македонскиот совет за Надворешна трговија Азија-Пацифик, Владимир Кофчегарски, во Банког се сретна со потпретседателот на Стопанската комора на Тајланд, Чатчаи Бонјарат.
На средбата Македонија беше претставена како идеална дестинација за тајландските компании, по што неколку од нив веќе искажале интерес за воспоставување на трговски врски и за можност за инвестирање.
“Воодушевен сум од Македонските потенцијали. Нашите компании имаат потреба од земји како Македонија, особено кога глобалната економија сеуште заздравува и нашата економија има потреба од поголем извоз во Европа,” рече Бонјарат.
Покрај средбата со потпретседателот на Тајландската стопанска комора, Македонскиот совет одржа работни средби со неколку Тајландски корпорации кои одлично котираат на Тајландската берза, каде беа информирани за условите за отворање сопствени капацитети во Македонија како и за условите во економско-развојните зони и даночните бенефиции кои ги нуди Македонија.
Тајландскиот бах (THB), оваа година има најдобар перформанс како единствена валута во Азија според сите параметри, а тајландската економија има предвиден раст од 5,1% за оваа година.
Македонскиот совет за надворешна трговија Азија – Пацифик продолжува со средби со дистрибутери, владини претставници и претставници од Стопанските комори на Виетнам, Малезија, Индонезија, Брунеи и Тајван.