Експерти, професори, докторанти од областа на економските науки, како и претставници на бизнис -секторот од 13 држави од Југоисточна Европа во Охрид учествуват во работата на Конференција за градење компетитивна предност кај малите и средните претпријатија, како основен предуслов за постигнување на одржлив раст и нивна конкурентност на глобалниот пазар, пренесува Миа.
Собирот што се одржува во организација на Економскиот факултет од Прилеп, Центарот за европска иницијатива и на Центарот за иновации и развој на иновации е во насока на новата стратешка рамка на ЕУ во која е нагласена улогата на малите и средните претпријатија како движечка сила на европската економија, со акцент врз улогата и значењето на иновативните процеси за подобрување на економските перформанси на малите и средните претпријатија.
Според деканот на Економскиот факултет во Прилеп, Ѓорѓи Манчески, во македонското стопанство постои придвижување во процесот на имплементацијата на новите идеи во современото економско работење. Тој нагласи дека веќе се напушта концептот на развојот на економијата базиран единствено врз основа на знаење, туку сега тој се гледа преку развој на иновациите. Манчески укажа дека единствен и најдобар концепт за имплентација на иновативноста е тој да се спроведува преку спој на науката, образованието и бизнис-секторот, така што сите нови високообразовани кадри веќе ќе имаат стекнати предзнаења за иновативноста, што би ги добиле од нивните професори во текот на образованието.
“Битно е што во овој период инвативноста се става во некакава формална, теоретска рамка. Разбрана е потребата да се институционализра, за да да поттикне развојот. Во трката за профит не треба да се чека, потребно е нештото да се прави подобро, поквалитетно од другите, така што добро е компаниите да сфатат дека конкурентноста носи предност пред останатите“, рече Манчески.
Глигор Бишев, професор на Економскиот факултет во Прилеп и директор на Шпаркасе банката, укажа дека банкарите и академските експерти имаат слична улога, да го советуват бизнис секторот, да нудат и поддржуваат иновативни идеи што би биле применливи во пракса.
“Македонија е меѓу земјите со добра динамика и раст во стопанството, дури и во услови на криза. Сметаме дека тој спој на инвативноста и науката функционира, има простор и за подобрување, а најверојатно во иднина тоа ќе оди во насока на поголема застапеност на практична настава во образовните институции, не само во областа на економските и бизнис-науките, туку и во технологиите, ИТ секторот, машинството, а се со цел студентите веднаш по завршување на образованието да можат да се вклучат во стопанството“, истакна Бишев.
Професорот Сафет Козаревиќ од Факултетот за економски науки при Унверзитетот во Тузла укажа на зависноста на претприемништвото од иновациите, воведувањето нови производи, технологии и освојување нови пазари.
“Во земјите од ЈИЕ тој тренд на иновации во бизнис-секторот станува се поприсутен, а во иднина најверојатно низ процесот на глобализација тоа ќе биде еден од најважните предуслови за разво“ј, истакна тој.
Козаревиќ уште посочи дека неодамнешните природни непогоди во регионот укажуваат и на уште еден мошне важен аспект на кој преприемништвото мора да води сметка, а тоа е проблематиката на управување со ризици.
“Во современото стопанисување неопходно е да се води сметка на зачувување на она што е изградено, преку соодветни програми и анализи за заштита за во иднина. Тоа е една од главните теми на расправа такму и на оваа конференција во Охрид“, истакна Козаревиќ.
На собирот во Охрид покрај предвидени академски и професионални дебати ќе бидат презентирани 140 трудови што ја третираат проблематиката на унапредување на иновативноста и изградба на компетитивна предност на малите и средните претпријатија.