Македонија се најде на 60-то место од вкупно 140 земји во светот според Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум (WEF).
Според глобалниот индекс на конкурентност, Македонија од 1 до 7 е оценета со 4,3. Во рамки на анализата на конкурентноста на земјата се земени 12 параметри или столбови, како што стои во Извештајот. Тие се: институции, инфраструктура, макроекономско окружување, здравствена заштита и образование, повисоко ниво на едукација и обуки, ефикасност на пазарот на стоки, ефикасност на пазарот на работна сила, развој на финансискиот пазар, технолошки развој, големина на пазарот, софистицираност на бизнисот и иновации.
Од земјите во регионот подобро позиционирани од Македонија се: Турција (51), Бугарија (54) и Словенија (59). Зад земјава, од земјите во регионот се Црна Гора (70), Хрватска (77), Грција (81), Албанија (93), Србија (94) и Босна и Херцеговина (111).
Првите пет земји во светот со најголема конкурентност се: Швајцарија, Сингапур, Велика Британија, Германија и Холандија. На дното на листата, пак, се најдоа Бургунди, Сиера Леоне, Мавританија, Чад и Гвинеја.
“Седум години по светската финансиска криза глобалната економија ја обележи ’нова нормална работа’ – висока невработеност, ниска продуктивност и забавен економски раст. Овие нарушувања се закана поврзана со геополитичката напнатост, состојбата во земјите во развој, цените на енергенсите, движењето на курсевите“, се вели во Извештајот.
WEF истакнува и дека некои други трендови, како што е таканаречената четврта индустриска револуција и новиот начин на потрошувачка, може да доведе до бран значајни иновации коишто може да го поттикнат економскиот развој.