Акционерското друштво Македонијатурист проектира добивка од редовно работење во износ од 140.478.478 денари, стои во бизнис планот на компанијата, објавен на Македонска берза.
“Бизнис планот за 2015 година е проектиран во услови на бавен економски раст на глобалните економски активности и проценета ниска стапка на инфлација, како и проекција во услови на благ пораст на БДП во земјата, зголемени цени на прозводите на мало и пораст на личната потрошувачка“, стои во соопштението на компанијата.
Проектирано е, како што се наведува, за идната година да се оствари раст на вкупните приходи од 4% и вкупни трошоци приближно колку претходната гоидна.
“Планираните инвестиции за тековно и инвестиционо одржување се на пониско ниво од претходната година, а истите се планирани со помал обем со оглед на тоа дека неколку крупни зафати се завршени во изминатите години. Бруто добивката за 2015 година е за 10% поголема од очекуваната остварена во 2014 година“, стои во бизнис планот на Македонијатурист.
Македонијатурист е компанија од областа на угостителството и туризмот. Таа е сопственик на хотелите: Holiday Inn, Best Western Hotel Turist, Best Western Hotel Bellevue, Водно, Јадран и Бристол. Во рамки на компанијата се и рестораните Пивница и Огниште во рамки на Holiday Inn Скопје.