Македонските студенти на отворен ден во компанијата Ендава

86

otvoren-den-vo-kompanijata-endava

Повеќе од 100 студенти од ИТ факултетите во Македонија аплицираа, а околу 50 од нив беа избрани да учествуваат на отворениот ден кој го организираше компанијата Ендава. Дипломци и студенти на последната година од студиите имаа можност да се запознаат со професионалците од Ендава кои работат во сфери поврзани со тестирање и развој на софтвер. Присутните дознаа како е да се работи во професионална атмосфера и се запознаа со некои од проектите кои во моментов се во фаза на развој, стои во соопштението.

Присутните имаа шанса да се информираат за програмата за дипломци на Ендава преку изјави на регрутери, како и слушајќи ги искуствата на личности кои веќе биле дел од програмата и го започнале своето вработување во компанијата како дел од истата програма. Покрај презентацијата, луѓето кои учествувале во програмата го споделија и своето искуство во Ендава работејќи на полето на тестирање и развој на софтвер. Присутните исто така беа дел од сесија за размена на искуства каде се запознаа, дискутираа и можеа да им постават прашања од секаков тип на ИТ експертите од компанијата.

“Среќни сме кога ги отвораме вратите на нашите канцеларии и имаме можност да се запознаеме со идните членови на македонската ИТ – заедница. Ова е петто издание на програмата за дипломци и ни претставува особено задоволство затоа што имаме шанса да го споделиме знаењето и да придонесеме за развој и раст на заедницата, цел во која што силно веруваме”, изјави Ивана Неделкова, специјалист за развој и регрутација во компанијата Ендава.

Годинава, програмата е фокусирана на тестирање (Testing) и на развој на софтвер (Development), сфери кои учесниците на отворениот ден имаа шанса да ги осознаат од прва рака. Тие имаа можност да го видат процесот на тестирање и на развој со цел лично да ги забележат разликите помеѓу двете дисциплини. Дипломците кои минатите години учествувале во програмата ги споделија своите искуства и зборуваа како е да се биде дел од Ендава откако го завршиле образовниот циклус.

Програмата за дипломци на Ендава почнува на 18 септември и е насочена кон дипломци или студенти од последната година на нивните студии. На апликантите кои ќе го поминат процесот на селекција ќе им биде понудено постојано вработување уште од првиот ден по што ќе следува интензивна 8-неделна обука. Потоа ќе имаат можност да следат како е да се работи на проект (project shadowing), по што би продолжиле со работа на комерцијален проект.

Ендава ги кани сите заинтересирани да аплицираат најдоцна до 23 јуни. Повеќе информации за програмата може да се најдат на овој линк.