Макпетрол го промовираше метанот на бензинската станица Партизанска

73

makpetrol

Претставници на компанијата Макпетрол го промовираа метанот како нова содржина на бензинската станица Партизанска, стои во соопштението.

“Метанот е гас настанат во длабочините на земјата од каде што наменски се извлекува, или пак се прифаќа како нуспроизвод при експлоатација на нафтените полиња. Го среќаваме под имињата компримиран природен гас или КПГ, потоа како природен гас или земен гас, а во англиското говорно подрачје како compresed natural gas или CNG. Кај нас широко прифатен термин е метан што најповеќе одговара на неговиот состав, кој е всушност 95% чист метан. Не содржи ароматски соединенија, сулфур и олово и нема потреба од негово рафинирање и адитивирање“, изјави Мишко Тасевски, раководител на секторот маркетинг на Макпетрол АД Скопје.

Двата силни фактора што ја наложуваат широката и перспективна примена на метанот, како што наведуваат од Макпетрол, се економичноста и заштитата на животната средина. За изминати 100 километри, просечен автомобил со погон на метан ќе потроши околу пет килограми метан со сегашна вредност од 170 денари. Истовремено, за автогас би потрошиле 290, за дизел околу 400, односно за бензин 640 денари.

“Метанот е важен енергетски извор што го редуцира загадувањето во сообраќајот. Примената на метанот придонесува кон намалувањето на ефектот на стаклена градина и подобрување на квалитетот на воздухот. При работа на моторот на метан се ослободува помала емисија штетни издувни гасови. Емисијата на СО2 е од 25% до 30% помала од онаа кај бензинот и практично нема сулфур и пепел при неговото согорување. Исто така, при работа на моторите со погон на метан, звукот е значително намален, дури и до 30%, што е уште една причина за негова употреба во јавниот и товарниот транспорт“, додаде Тасевски.

Покрај досега комерцијално достапните нафтени производи, со воведувањето на метанот како погонско гориво, Макпетрол уште еднаш ја покажува својата грижа кон потрошувачите, притоа значително придонесувајќи кон заштитата на животната средина, што е секојдневна одговорност и приоритет во нашите развојни планови.

“Компримираниот природен гас е најеколошко погонско гориво, а возилата што го користат се познати како минимални загадувачи на амбиентниот воздух и остваруваат значително намалена емисија на СО2, СО и NОx. Компримираниот природен гас овозможува извонредно траење на моторот на возилото, гарантира апсолутна хомогеност и константност на функционирањето на моторот, и на крај, обезбедува пониски трошоци за негово одржување“, објасни Љупчо Георгиевски, директор на дирекција за малопродажба.