Макпетрол за три месеци прокнижи добивка од над 75 милиони денари

43

Компанијата Макпетрол, во периодот јануари – март оваа година, евидентираше вкупна сеопфатна добивка во висина од 75.149.000 денари, покажува  тримесечниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период во 2018 година за компанијата заврши со добивка од 96.682.000 денари.

Основни причини за остварената добивка, како што стои во Образложението, се: зголемената продажба на енергенси во малопродажба, тренд на пораст на прометот во малопродажните објекти, зголемување на приходи од вложувања, камати и курсни разлики, намалување на расходите по основ на камати, а негативното влијание врз остварената добивка е најизразено поради ниското ниво на пропишаната трговска маржа.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 31-ви март оваа година, достигнаа 4.661.103.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 4.447.219.000 денари, додека остатокот од 213.884.000 денари е остварен на пазари во странство.