Граѓанските организации од Македонија ќе добиваат мали грантови за реализација на активности кои ќе поддржат креирање инклузивна средина за децата Роми во образовниот процес во девет општини во државата, информираа денеска од Здружението на граѓани Ромски ресурсен центар од Скопје и Центар за семејно и детско згрижување (Family and Childcare Centre – KMOP) од Атина. Со проектот е предвидено да се доделат од 10 до 15 мали грантови.
“Ромскиот ресурсен центар заедно со Центарот за семејно и детско згрижување работеа напорно во процесот за подготовка на Грантовата шема за доделување мали грантови за здруженија на граѓани кои работат на образовна инклузија на ромската заедница. Со проектот е предвидено да се доделат од 10 до 15 мали грантови во висина од 2.500 до 5.000 евра за активности кои ќе поддржат креирање на инклузивна средина за децата Роми во образовниот процес во девет општини во државата“, рече Себихан Демировски, програмски менаџер на Ромски ресурсен центар Скопје .
Според него, целиот процес ќе придонесе кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, особено помалите организации кои делуваат на локално ниво.
“Особено е важно да се истакне дека РРЦ и КМОП навистина се посветени на целите на проектот и очекуваме по неговото завршување, организациите кои ќе спроведат грантови во рамките на нашиот проект да продолжат да работат на системско решавање на проблемите на ромската заедница, особено во образованието. Секако во целиот процес клучна улога имаат и локалните самоуправи и националните институции со кои активно соработуваме за обезбедување на долгорочни системски решенија за поддршка на образованието на Ромите“, рече Демировски на денешната прес конференција.
Марија Самарџиоска, директор на Центар за семејно и детско згрижување КМОП Скопје, рече дека денеска го претставуваат повикот, кој ќе биде објавен в понеделник, на 13.11.2017 година.
“Процесот на аплицирање е покомплициран, но го гледаме како еден од клучните елементи и за стекнување на знаење како да се користат европските фондови. Користењето на европските фондови е проследено со бирократски процедури, но се надеваме дека ќе влијаеме на зголемување на капацитетите на граѓанските организации и во иднина ќе бидат во можност да аплицираат и да добиваат европски проекти во насока на иницирање посуштински и значајни подобрувања за инклузијата на децата Роми, во формалното образование“, рече Самарџиоска.
На денешната презентација учествуваа граѓански организации кои работат во полето на инклузија на ромската заедница и се запознаа со повикот за доделување мали грантови, критериумите за аплицирање и потребната документација.