Медицински апарати за две институции – донација од Жито Лукс

68

zito-luks-donacija-detska-klinika2

Водени од компаниската филозофија за општествена одговорност и помош на заедницата, Жито Лукс во континуитет спроведува донаторски кампањи. Минатата година компанијата одбележа 70 години постоење, а средствата кои беа планирани за одбележување на јубилејот реши да ги пренамени во донација, односно во набавка на медицинска опрема за две институции каде се лекуваат деца. Нашиот најголем производител на леб и брашно во земјава, за Клиниката за детски болести донираше автономени спирометри, Pony FX со дисплеј и термален печатар, како и 10 ултрасонични инхалатори Хиконеб, согласно потребите на Универзитетската клиника за детски болести, стои во соопштението.

Според директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катерина Ставриќ сè поголем број деца пројавуваат различни респираторни проблеми, кои се особено изразени во зимските месеци кога воздухот е позагаден и кога има магла.

“Клиниката за детски болести има постојана потреба од помош што доаѓа од компании, како оваа од Жито Лукс, донација со големо значење за нас, затоа што, како што и самите сме свесни во последниве години зачестеноста на респираторните заболувања ги надминува нашите капацитети, и човечки а уште повеќе технички и тоа ја зголемува вредноста на оваа донација. Донираната опрема ќе овозможи навремена детекција на ваквите проблеми кај децата и ќе помогне за брз, навремен и ефективен медицински третман“, изјави д-р Катерина Ставриќ.

“Тоа што сме компанија со седумдесетгодишна традиција, активно работиме имајќи ја општествената одговорност како еден од столбовите на нашата корпоративна култура ни дава за задача да се грижиме и да ја подобруваме во секој аспект. Областите во кои може да помогнеме и инвестираме во духот на нашата заложба за подобрување на заедницата се многубројни. Овој пат, заради зголемената појава на респираторни инфекции, од кои очигледно најмногу страдаат најмладите, беше одлучувачко да помогнеме со обезбедување на медицинската опрема што недостига на Клиниката за детски болести во Скопје, а нејзината примена е токму за превенирање и лечење на зачестените респираторни инфекции“, изјави Маја Муратовска – Чанговска, Сениор продукт менаџер од Жито Лукс.

Претходно оваа година и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле доби вредна донација од компанијата Жито Лукс. Апаратот за рано откривање туберкулоза е веќе доставен и ќе помогне за рана детекција на патогени и туберкулозни бактерии. Донираниот апарат значително ќе ја подобри брзината и прецизноста на специфичната дијагностика кај пациентите на оваа установа.