
Германската компанија „Мерцедес-Бенц“ ќе го отвори својот прв центар за истражување и развој (R&D) во Унгарија, во градот Кечкемет, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека прототиповите на автомобили ќе бидат тестирани на оваа локација, како и дека унгарските инженери ќе бидат вклучени во раните фази на развој на хардвер и софтвер, објавува „Хунгари тајмс“.
Германскиот производител на автомобили ќе инвестира околу 55 милиони евра (21,6 милијарди форинти) во новиот центар за истражување и развој, каде што ќе се одвива развој на хардверски и софтверски производи во почетна фаза, а владата во Будимпешта ќе го поддржи проектот со дополнителни 11 милиони евра (4,3 милијарди форинти).
Сијарто спомена дека во текот на последните единаесет години, унгарската влада ги поддржала инвестициите на 324 германски компании, кои создале околу 40.000 работни места.
Според него, постои силна глобална конкуренција за инвестиции во индустријата за електрични возила, а Унгарија, и покрај својата големина, е меѓу водечките земји во технолошката револуција што ја менува светската економија.











