Филип Морис ТКП и CEED Македонија започнуваат нов проект за поддршка на младинското претприемништво
CEED Македонија, со финансиска помош од Филип Морис ТКП, денеска го најави почетокот на новата шестмесечна програма, што има за цел да го поддржи претприемачкиот дух и да генерира свежи бизнис идеи со цел да се зголеми вработеноста на младите луѓе во Пелагонискиот регион. Во овој период, учесниците во програмата ќе имаат можност да ги развијат своите бизнис знаења и претприемачки вештини, да научат како да ги развијат своите постоечки или идни бизнис проекти, како и да добијат пристап кон финансиски ресурси. Најдобрите идеи ќе бидат наградени со неповратна, еднократна помош за нивните бизнис стартапи. Програмата, насловена Моја Идеја! Мој Бизнис! ќе биде спроведена од септември 2015 година, до февруари 2016 година.
„Во Филип Морис веруваме дека од огромно значење за секоја компанија е да ги слуша и да ги разбере потребите на околината каде функционира. Придонесот кон развојот на заедниците каде работиме, каде живеат и работат нашите вработени, бизнис партнери, потрошувачи и нашите сограѓани, претставува интегрален дел на глобалната бизнис стратегија на Филип Морис. Оваа стратегија е и движечката сила поради која Филип Морис ТКП реши да ја започне програмата Моја Идеја! Мој Бизнис!, заедно со нашите партнери од CEED Фондацијата. Цврсто верувам и се надевам дека програмата Моја Идеја! Мој Бизнис! значително ќе придонесе кон економскиот развој и промоцијата на претприемачкиот дух тука во Пелагонија, што е важен регион за нашето функционирање во Македонија. На крајот, исто така би сакал да упатам порака до идните учесници во програмата да ги искористат можностите кои им се понудени, да го извлечат максимумот од нивните ментори и потоа да го применат стекнатото знаење во нивен успешен иден бизнис. Ова ќе биде најдобрата награда за сите нас кои се обидуваме да ги поддржиме во овој процес”, изјави Емре Козлу, генерален менаџер на Филип Морис ТКП.
Програмата Моја Идеја! Мој Бизнис! се фокусира, пред сè, на младите лица од 18 до 35 години кои се невработени, но имаат бизнис идеја која би можела да биде понатаму развиена и претворена во оперативен бизнис, или пак оние кои наскоро ќе дипломираат и планираат да започнат сопствен бизнис, како и младите лица кои веќе имаат бизнис во почетна фаза на развој (но, не подолго од три години) и им е потребна помош за понатамошно развивање.
„Спроведуваме програма за размена на искуства за 40 учесници, составена од пет модули, кои целосно ќе го покријат процесот на дизајнирање на производ или услуга, негово лансирање на пазарот, како и други корисни вештини. Учесниците ќе имаат можност да добијат бизнис советување и менторски сесии со искусните ментори од CEED мрежата и од други бизнис професионалци, на специфични теми поврзани со нивните бизнис идеи. Заинтересираните учесници може да научат нешто повеќе за специфични работни функции и позиции и ќе имаат можност да посетат успешни компании, особено во Пелагонискиот регион. За најдобрите пет идеи со најголем потенцијал за раст, се обезбедени по 2.000 УСА долари за секој проект посебно. Понатаму, петте најуспешни решенија добиени од студентите од факултетите во регионот на Пелагонија кои ќе учествуваат во Програмата и ќе направат реални и остварливи бизнис студии, ќе бидат наградени со по 500 УСА долари, кои ќе треба да ги искористат за започнување на бизнис или за трошоци за едукација”, изјави Јован Маџовски, главен извршен менаџер на CEED.
Процесот за аплицирање продолжува до 21 септември 2015 година. Сите информации во врска со аплицирањето може да се најдат ОВДЕ, како и на Фејсбук Фан страницата Моја Идеја! Мој Бизнис!