Meta Platforms Inc., сопственик на Facebook и Instagram, планира уште еден круг отпуштања.
Тие ќе отпуштат илјадници вработени веќе оваа недела, според познавачите на ова прашање, пренесува Блумберг. Најголемата светска компанија за социјално вмрежување укинува сè повеќе работни места, недела по недела, покрај намалувањето на работната сила за 13% што се случи во ноември.
Тоа го прави во обид да стане „поефикасна организација“.
Во претходниот круг на кратења на работни места, Мета отпушти дури 11.000 работници за еден ден, што е негово прво големо отпуштање. Компанијата, исто така, отсекуваше менаџери и отсекува цели тимови за кои смета дека се „несуштински“, објави Блумберг во февруари.
Како што наведуваат, сето ова е чекор кој сè уште се финализира и може да погоди илјадници вработени.
Претстојната рунда кратења е водена од финансиски цели и се одвива независно од идејата за „усогласување“ во структурата на компанијата, рекоа изворите, кои побараа да останат анонимни.
Мета, која забележа забавување на приходите од реклами и го префрли фокусот на својата платформа за виртуелна реалност, Метаверс, побара од директорите и потпретседателите да подготват списоци на вработени кои би можеле да бидат отпуштени.
Портпаролот на Мета, сепак, одби да ги коментира овие планови.
Њујоршката агенција понатаму наведува дека оваа фаза на отпуштања би можела да заврши во текот на следната недела.