Министерот за економија Крешник Бектеши денеска учествуваше на традиционалната манифестација посветена на најуспешните претприемачи за 2017 година, во категориите на микро и мали претпријатија.
Министерот информираше дека годинава беа поддржани 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондации, здруженија на граѓани и занаетчиски комори, кои аплицираа и исполнија услови за мерките содржани во програмата. Тој најави директна поддршка за деловните субјекти и за следната година со што ќе се отвори можност претприемачите да добијат поголем финансиски стимул за реализација на своите бизнис активности.
Манифестацијата Претприемач на годината, која се одржува по 11-ти пат, е резултат на успешната соработката помеѓу организаторите кои се претставници на бизнис-заедницата, граѓанските организации и државните институции на власта, а има за цел подигање на свеста за значењето на претприемништвото во нашата земја.
За најуспешен претприемач на микро претпријатие, на традиционалната манифестација што се одржува во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење, а под покровителство на Министерството за економија, беше прогласен Жарко Димитриоски од Маркетинг агенцијата Еден на еден од Скопје. Најдобар кај малите претпријатија е Бардул Шабани од Линк шпед од Тетово. Второто место во категоријата микро претпријатија му припадна на Борче Николов од Аерус од Пробиштип, а второнаграден кај малите претпријатија е Томи Запров од Силотер од Струмица. Изборот на најуспешните претприемачи во 2017 година е направен врз основа на однапред утврдени критериуми за успешност.