Најголем проблем на македонското земјоделство се стандардот и квалитетот

47

zemjodelie-obrabotka-traktoТрите клучни фактори неопходни за подобрување на постбербените активности во македонското земјоделство се поголемо образование, помош од науката и поддршка од државата, велат израелските експерти.

Тие порачуваат поголема вклученост на бизнис секторот во целиот процес на усовршување на земјоделските практики. Со тоа квалитетот на свежото овошје и зеленчук не само што ќе го подобри пласманот дома, туку ќе овозможи и етаблирање на надворешните пазари.

“Слабости има во делот на калибрирањето, сместувањето, разладувањето, пакувањето… Експертите тоа го воочија. За поквалитетни постбербени активности ни е потребен посеопфатен пристап, нивните сугестиите се во тој правец”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната средба со експертите.

Елазар Фалик, шеф на Институтот за технологии и чување земјоделски производи Волкано, кој веќе неколку пати бил во земјава советува дека не мора да се почне веднаш со примена на висока технологија.

Тој верува дека во Македонија за многу краток период ќе се постигне бараниот висок квалитет на свежите производи но нагласи, дека секогаш може да се стори уште повеќе.

Брет Хиксон од израелското министерство за земјоделство ја истакна потребата од соработка на сите засегнати страни. Тој исто така нагласи дека во процесот мора да се вклучи и приватниот сектор.

Македонско-израелскиот проект за унапредување на македонскиот аграр трае веќе една година, при што фокусот е ставен на произведувањето семе и саден материјал од зеленчукови растенија. Таканаречената Демо фарма во Свети Николе е дел од веќе раелизираните активности, а следува изградба на ист таков објект во Тетово.