Мароко е на чекор до комплетирање на најголемата соларна електрана на светот, комплексот Noor, кој во најголем дел е веќе изграден во мароканската пустина, недалеку од градот Уарзазате, пишува CNN.
Првата фаза, Noor 1, е во погон од февруари 2016 година, додека другите две фази се во завршна етапа и би требало да започнат со работа до крајот на годината. Целта на овој проект е до 2020 година, 42% од вкупната побарувачка на енергија во Мароко да се обезбедува од обновливи извори.
Вкупниот капацитет на Noor ќе изнесува 580 мегавати, што значи дека ова ќе биде убедливо најголемата соларна електрана за собирање на сончевата енергија со помош на огледала наместо фото ќелии. На пример, само Noor 3 има 7.400 огледала, од кои секое е со големина на едно тениско игралиште. Вкупната површина на целиот комплекс изнесува 7.400 метри квадратни.
Оваа електрана ќе снабдува со енергија околу еден милион домаќинства, а проценката е дека емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата ќе се намали за 760.000 тони годишно.
Целиот проект е вреден околу девет милијарди долари и се проценува дека до 2050 година ќе покрива околу 10% од глобалната побарувачка за енергија.
Како изгледа “чудото“ од Мароко можете да погледнете на следниот линк.
Фото: YouTube