Највозбудливите автомобили кои пристигнуваат во 2021

67

2021 се очекува да биде значителна година кога станува збор за автомобилската индустрија, а во прилог се моделите кои ни пристигнуваат во следните 12 месеци.

2020 останува зад нас како една од најлошите за автомобилската индустрија во историјата. Сепак, 2021 година носи нова надеж за производителите, а кога станува збор за новите автомобили, оваа година се очекува да биде навистина богата. Токму затоа, во прилог ви ги носиме највозбудливите премиери кои ги очекуваме оваа 2021 година.

Audi e-Tron GT

Очекуваме продукцискиот модел да остане визуелно верен на концептот. Со тоа, ќе го добиеме еден од најатрактивните автомобили на Audi досега. Целосно електричниот e-Tron GT споделува голем дел од хардверот со својот „роднина“, Porsche Taycan, а ќе биде достапен и во RS опција, со моќност еквивалентна на 600 КС.

Ferrari Purosangue

Дури ни Ferrari не може да одолее на се поголемата популарност на SUV моделите. Или FUV, како што инсистираат од италијанската компанија, што е кратенка за „Ferrari Utility Vehicle“. Со Ferrari Purosangue се отвара патот на најгламурозната автомобилска компанија да го остави својот печат во најголемиот и најпрофитабилниот сегмент. Поставен на нова архитектура, деталите се уште се непознати, но знаеме дека Ferrari развива нов V6 хибрид кој ќе биде рамо до рамо со добро познатиот битурбо V8 и моќниот V12 мотор. Purosangue на крајот би можел да ги користи сите три и ќе биде многу поразличен од своите ривали, барем кога станува збор за визуелноста. Можеме да очекуваме навистина нешто радикално од Маранело.

Hyundai Ioniq 5

Ioniq е целосно електричниот подбренд на Hyundai, а „петката“ е првиот од петте автомобили. Сите три ќе ја користат целосно новата модуларна платформа. Меѓу останатите работи, ќе се карактеризира со двонасочно полнење, со што ќе се овозможи на сопствениците да ја користат батеријата на автомобилот за складирање на енергија и потоа да ја испратат назад кон полначот. По Ioniq 5 ќе следуваат седанот 6 и 7 SUV моделот, а 5 ќе ги повлече визуелните карактеристики на прекрасниот 45 концептен автомобил кој беше претставен во 2018 на Салонот во Франкфурт.

Jaguar XJ

Потерата на Jaguar за релевантност на пазарот и покрај бруталната реалност која ја носи сегментот на луксузни автомобили, доведе до тоа британската компанија да прави директен конкурент на Tesla Model S. Тоа значи дека можеме да очекува целосно електричен автомобил кој ќе биде навистина прекрасен. „Сакаме да презентираме нешто кое ги предизвикува нормите, ќе понуди алтернатива која е подобра на сите нивоа за да се поседува и вози. Затоа сме ние – поради нашата љубов која ја имаме кон возилата. Електричните автомобили носат чувство на мирност, поголем спиритуален квалитет“. I-Pace докажа дека Jaguar има квалитети во сегментот на електрични возила.

McLaren Artura

Artura е автомобилот кој ќе му помогне на McLaren за целата следна деценија. Artura користи целосно нова карбонска шасија, се напојува од 3,0-литарски битурбо и хибридизиран V6 мотор и драматично го менува ентериерниот HMI.

Mercedes SL

Сега во својата осма генерација, новиот SL ќе го врати амбициозниот кабрио двосед на компанијата кон своите стилски корени. Mercedes AMG дивизијата е задолжена за развој на SL со цел да се осигура дека е доволно различен од GT моделот на AMG. Според тоа, очекуваме моделот да биде „понормален“ и полуксузен. А со оглед на тоа дека Mercedes го отстрани тврдиот покрив во корист на класичниот платнен склоплив покрив, ќе биде и поинтересен за око. Кога станува збор за моторизацијата, покрај турбо V8 агрегатот, во игра ќе се најде и plug-in хибридната опција.

Nissan Ariya

Со оглед на тоа дека електричните возила се повеќе го заземаат приматот на пазарот, предизвикот е да се додаде карактер и нешто уникатно на целото динамично искуство. Ariya е навистина атрактивен голем кросовер кој ќе пристигне оваа година на пазарот со различни опции на моќност и автономија, со еден или два електромотори и систем за погон на сите четири тркала. Ariya изгледа подеднакво атрактивно и во внатрешноста со 12,3-инчен хоризонтален централен екран и голема пространост.

Škoda Enyaq

Enyaq е моделот со кој Škoda влегува во светот на електричните возила. Кросоверот на чешкиот производител ќе пристигне во две верзии со 62 kWh или 82 kWh батерии кои ќе го напојуваат електромоторот кој испорачува моќност од 178 или 202 КС. Автомобилот, од она што можевме да го видиме на фотографиите, изгледа фантастично и надвор и внатре. Најголемата декларирана автономија на движење со едно полнење е 500 километри, а се очекува и vRS перформансна верзија.

Porsche 911 GT3 RS

Актуелниот 911 е веројатно најдобриот „all-round“ спортски автомобил кој Porsche некогаш го направил. Со ова, автоматски новиот GT3 е најзадоволувачкиот 911 од сите, како и најпредизвикувачки. Моделот се напојува од 4,0-литарски шестцилиндерски мотор кој испорачува 510 КС и може да достигне до 9.000 вртежи во минута. За купувачите ќе биде достапен седумстепен автоматски или шестстепен мануелен менувач.

Tesla Cybertruck

Елон Маск сега е вториот најбогат човек на светот и изградена репутација дека секогаш ги прави работите на свој начин. Се чини дека тоа функционира за него. Tesla Cybertruck, чија појава ги руши сите конвенции на автомобилскиот дизајн, треба да пристигне – ако се биде како што треба – во 2021 година во три опции. Првата е со единечен мотор и автономија од 402 километри, втората е со два електромотори и 482 километри опсег, а третата се одликува со три мотори и неверојатни 804 километри автономија. Камионетот треба да добие нешто „помека“ продукциска верзија, а се очекува и „европеизација“ на моделот со цел да ги исполни нормите за европскиот пазар.

Преземено од Avtoplus.mk