На 13 март 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија, при што беше заклучено дека економските основи и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи. Воедно, беше утврдено понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст. Истовремено, последните оцени за растот на клучните трговски партнери посочуваат на подобро надворешно окружување од очекуваното досега и со тоа подобар амбиент и помали ризици за домашната економија. Во вакви околности, Комитетот оцени дека постои простор за олабавување на монетарната политика, при што на седницата беше одлучено каматната стапка на благајнички записи да се намали од 3,25% на 3,00%.
Воедно, на седницата се одлучи да се намалат каматните стапки на расположливите депозити на 7 дена и преку ноќ, за 0,20 и 0,10 п.п., на ниво од 0,3% и 0,15%, соодветно. Имено, со оглед на релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, коешто во голем дел е насочувано кон расположливите депозити кај Народната банка, преку намалување на каматните стапки на овие инструменти се очекува дека банките ќе ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.
Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции минатата година, главно не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти.
Во однос на активноста во економијата, податоците за БДП за 2017 година покажуваат стагнација, главно заради падот на инвестициите, а овие остварувања не отстапуваат значително од проектираниот раст од 0,5%. Притоа, по падот во првата половина од годината, во согласност со очекувањата, во втората половина на годината економијата забележа раст. За првиот квартал од 2018 година достапни се мал број високофреквентни податоци, при што дел од нив, односно податоците за индустријата и трговијата, сигнализираат подобрување на состојбата. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно зголемување на довербата на економските субјекти, но со одредено забавувањена растот.
Во однос на инфлациските движења, расположливите податоци за февруари 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво во првите два месеца од годината од 1,5%, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација. Инфлацијата во овој период е малку пониска од проекциите, но за дел од увозните цени очекувањата се коригирани во нагорна насока. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките и натаму се зголемува, за што главно придонесе остварувањето на редовните буџетски расходи наменети за субвенционирање за земјоделското производство. Во околности на релативно слаба кредитна активност во текот на месецот и натамошен раст на ликвидноста, банките и натаму го насочуваат вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба на почетокот на март надмина 15 милијарди денари. Истовремено, на пазарите на пари имаше намалена побарувачка, а каматните стапки и натаму се на стабилно и непроменето ниво.
Податоците за девизните резерви во февруари покажуваат раст од почетокoт на годината, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари.
Девизниот пазар е стабилен, без притисоци врз побарувачката на девизи. Поместувањата кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, при што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Од показателите од надворешниот сектор, за почетокот на 2018 година достапни се податоците за трговската размена, коишто посочуваат на можност за малку поголем трговски дефицит од проектираниот.
Накратко, на девизниот пазар се забележуваат релативно поволни движења карактеризирани со умерено пониска нето-продажба на девизи на банките за нивните клиенти, во споредба со истиот период минатата година. Притоа, во февруари, клиентите имаа врамнотежена понуда и побарувачка за девизи, што овозможи стабилизирање на девизната ликвидност на банките и отсуство на интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Релативно поволните движења на девизниот пазар во најголем дел беа резултат на подобрите остварувања во трансакциите со компаниите, коишто втор месец по ред имаа значителен раст на понудата, а зголемена понуда имаше и во трансакциите со менувачниците.
Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери во согласност со проектираните за првиот квартал од 2018 година. Сепак, периодот на оцена е премногу кус за да се дадат посигурни констатации.
Податоците за билансот на плаќања за 2017 година ги потврдија констатациите за умерен дефицит во тековната сметка (1,3% од БДП), којшто е помал од проектираниот, а подобри од очекуваните беа и финансиските текови за 2017 година.
Во однос на монетарните движења, првичните податоци за февруари покажуваат закрепнување на депозитната база по нејзиниот пад во јануари. Растот на депозитите во овој месец, во голема мера, е последица на повисокото штедење на домаќинствата, но раст забележаа и корпоративните депозити. Остварувањата кај депозитите на банките во овој период упатуваат на можност за повисоко ниво од проектираното за првиот квартал од 2018 година.
Одредени позитивни поместувања на месечна основа во февруари се забележуваат и на кредитниот пазар, во услови на раст на кредитирањето на домаќинствата. Засега не се очекува поголемо отстапување на кредитните агрегати од проекцијата за првото тримесечје на 2018 година. Согласно со резултатите од Анкетата за кредитната активност, банките и за првиот квартал од годината очекуваат натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и раст на побарувачката на кредити кај двата сектора.
На почетокот на февруари, при засилени очекувања за инфлациски притисоци во американската економија, дојде до позначителна надолна корекција на цените на акциите на пазарот на капитал. Сепак, до крајот на месецот во услови на зголемена склоност кон преземање ризик дојде до зголемување на цените на акциите, придонесувајќи за стабилизирање на ценовните движења на пазарот на капитал. Американскиот долар на месечна основа забележа апрецијација, што делумно се поврзува со сведочењето на новиот гувернер на ФЕД, Џером Пауел, којшто посочи дека американската економија има солидни остварувања коишто создаваат услови за посилна монетарна реакција преку зголемување на каматните стапки во наредниот период. Исто така, за пониската вредност на еврото на месечна основа придонесе и неизвесноста во однос на исходот од парламентарните избори во Италија и политичките случувања во Германија. На почетокот на март, се забележува засилена променливост на глобалните девизни пазари под влијание на зголемените ризици за глобалната трговија во услови на воведување протекционистички мерки во САД.
Општо земено, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постои простор за олабавување на монетарната политика. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, е поволна и подобра од очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи. Воедно, дел од показателите упатуваат на понатамошно подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти.
Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, во контекст на поставеноста на монетарната политика, при што без загрозување на остварувањето на нејзината основна цел, ќе овозможува услови за натамошно засилување на поддршката на банкарскиот сектор кон економската активност во земјата.