НБРМ: Расте бројот на кредити кај домаќинствата, најзастапени – потрошувачките

56

nbrm-logo-pocetna

Според најновиот извештај на Народната Банка на РМ за монетарни движења во Република Македонија во јануари 2018 година паричната маса во првиот месец од годината бележи месечен пад од 1,2%.  Намалувањето главно се објаснува со сезонските движења кај депозитните пари и готовите пари во оптек, коишто само делумно се неутрализирани со умерениот раст кај долгорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 5,3% (идентично со стапката на годишен раст од декември минатата година), со најголем придонес во растот на депозитните пари и долгорочните депозити, а во помал дел и на готовите пари во оптек, наспроти намалувањето кај краткорочните депозити.

Кај вкупните депозити, во јануари е регистриран месечен пад од 0,9%, главно под влијание на намалувањето на депозитите на корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, кај депозитите е остварен раст од 5,2% во најголем дел заради растот на депозитите од домаќинствата (71,5% од вкупниот депозитен раст).

Кај кредитите на корпоративниот сектор во јануари забележано е месечно намалување од 3,1%, додека споредено на годишна основа регистриран е раст од 2,9%. Притоа, најголем придонес во месечните и годишните промени имаат кредитите одобрени во денари.

Вкупните депозити на домаќинствата во јануари се намалени за 0,4% на месечна основа, главно под влијание на надолната промена кај депозитните пари, во услови кога краткорочните и долгорочните депозити, и во денари и во странска валута, бележат месечен раст. Споредено на годишна основа, стапката на раст изнесува 5,5%, при што растот е распределен помеѓу денарската и девизната компонента, со поголемо учество во растот на денарските депозити (60,9%).

Во јануари кај вкупните кредити на домаќинствата е регистриран месечен и годишен раст од 0,8% и 9,7%, соодветно, при што зголемената кредитна активност во најголем дел се темели врз денарските пласмани.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките кредити, стапката на годишен раст во јануари изнесува 11,3%, без промени на месечна основа. Станбените кредити бележат месечен и годишен раст од 1,1% и 15,2%, соодветно. Во првиот месец од годината, автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечен пад од 1,4% и 0,3%, соодветно, при истовремен годишен пад од 1,7% и 0,6%, соодветно. Овој месец кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 10,1% и 4,2%, соодветно, додека кај кредитите одобрени врз други основи е регистрирано месечно и годишно намалување од 1,2% и 1,6%, соодветно.