НБРМ: Успешно остварени активностите од Програмата за работа за 2017

54

nbrm-logo-pocetnaСоветот на Народната банка на Република Македонија денеска ја одржа својата четврта седница, на која беа разгледани и усвоени Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2017 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.

Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија ја прикажуваат финансиската состојба на Народната банка на Република Македонија на 31 декември 2017 година објективно во сите материјални аспекти, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

На денешната седница беше разгледан и усвоен и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2017 година, при што беше заклучено дека Дирекцијата за внатрешна ревизија на Народната банка целосно ја спроведе својата програма за работа. Беше оценето дека внатрешната ревизија ги остваруваше своите основни цели преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, соодветноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасната и економична употреба на ресурсите, безбедното чување и заштита на средствата, веродостојноста и интегритетот на финансиските и другите информации и усогласеноста на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа.

Советот го разгледа и го усвои и Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија во 2017 година. Притоа беше констатирано дека од овој извештај може да се заклучи дека Програмата за работа е успешно остварена. Поконкретно, при разгледувањето на Извештајот беше потенцирано дека во текот на минатата година беа остварени сите планирани редовни програмски активности поврзани со остварувањето на основните стратегиски цели на Народната банка, како и голем број проектно ориентирани активности кои овозможуваат воведување промени во работењето и усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди, како и со барањата на Меѓународниот монетарен фонд. Советот оцени дека благодарение на добрата организација, ефикасното искористување на планираните ресурси и навременото обезбедување на сите релевантни информации, и во текот на минатата година, организациските единици на Народната банка успешно ги извршуваа програмските активности и ја следеа планираната динамика на остварување на Програмата за работа.