Кинеската економија закрепнува – каква стратегија употреби Кина

41

Економијата на Кина забележа забрзан раст во третиот квартал, помогнато од обновување на потрошувачката на почетокот на есента, по шокот предизвикан од коронавирусот, покажуваат официјалните податоци.

Кинескиот БДП од јули до септември порасна за 4,9% во однос на истиот период минатата година, објави заводот за статистика. Тоа е драматичен пресврт во однос на првиот квартал годинава, кога економијата забележа пад за 6,8%.

Закрепнувањето на Кина од корона шокот започна на почетокот на пролетта, а новите податоци откриваат дека на почетокот на есента се проширила и на потрошувачката. Така, во септември продажбата на мало се зголеми за 3,3% на годишно ниво. Во август порастот изнесуваше скромни 0,5%.

Индустриското производство скокна за 6,9% во септември, по порастот од 5,6% во претходниот месец.

И инвестициите на компаниите покажуваат забележителни знаци на закрепнување. Така, вложувањата во фиксен капитал во првите девет месеци беа за 0,8% повисоки отколку во истиот период во 2019 година. Во првите осум месеци, тие беа за 0,3% пониски.

Низа мерки

Владата воведе бројни мерки за поттикнување на растот и за поддршка на вработувањето, вклучително зголемени државни трошоци и даночни олеснувања. Централната банка ги намали основните каматни стапки и ги олесни регулативите за банкарските резерви.

Оваа година единствено кинеската економија во групата големи економии ќе забележи позитивна стапка на раст од 1,9%, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Ковид-19 се појави првпат во декември во Вухан, а на почетокот на април е укината изолацијата. Фабриките и продавниците постепено се отвораа, а ограничувањата на патувањата беа ублажувани. Воведени се и стимулативни мерки: намалување на даноци, пониски каматни стапки како и кредити на локални управи и поволни кредити за компании.

Според официјалните податоци, во Кина од Ковид-19 починале 4.634, а забележани се 85.729 инфицирани лица.

Нова стратегија

Кинеското раководство спроведува нова стратегија позната како – економија со двојна циркулација (dual circulation economy). Моделот, претставен од претседателот Си Џинпинг во мај, има за цел да ја намали зависноста на земјата од странските пазари и економии и да ја поттикне домашната потрошувачка и напредокот на технологијата.

“Светската економија слабее. Создаваме нова развојна платформа во која водечка улога играат внатрешните економски текови. Нашата економија е во клучна фаза на трансформација“, рече Си.

Фото: Pixabay