Нема веќе “лесни“ кредити во еврозоната, банките најавуваат построги услови

68

Компаниите од еврозоната релативно лесно добиваа заеми во вториот квартал благодарение на владините гаранции, но банките очекуваат да ги затегнат условите за позајмување во третиот квартал, покажува истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).

Корона кризата затвори голем дел од економијата во еврозоната, па компаниите повеќе се потпираа на банкарските заеми за да останат ликвидни.

Во третиот квартал од 2020 година се очекува банките во целина да ги затегнат условите за кредитирање на компаниите што е поврзано со очекуваното укинување на државните гаранции кај некои големи членки на еврозоната“, стои во соопштението на ЕЦБ.

За потребите на ова истражување, ЕЦБ анкетираше 144 банки во периодот помеѓу петти и 23 јуни, во време кога владите постепено почнаа да ги олеснуваат мерките воведени за борба против пандемијата на коронавирусот.

Истражувањето покажа дека побарувачката на компаниите за кредити повторно нагло се зголеми во второто тримесечје, достигнувајќи го највисокото ниво откако ЕЦБ започна со објавување на истражувањето во 2003 година. Во третиот квартал, растот треба да биде малку послаб, проценуваат банките.

Побарувачката за станбени и потрошувачки кредити нагло опадна во вториот квартал и банките ги заострија условите за нивно одобрување. Во третиот квартал очекуваат овој тренд да продолжи.

Централната банка на еврозоната веќе ги намали клучните каматни стапки на рекордно ниво и воведе кризна програма за купување средства за да обезбеди ликвидност. На банките, исто така, им понуди екстремно поволни заеми за да обезбеди континуирано кредитирање на реалната економија во услови на криза.

Фото: Pixabay