Работна група составена од членови на државното акционерско друштво, Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчката компанија за управување на систем за пренос на природен гас во Грција (ДЕСФА) разговараат и ги утврдуваат временската рамка и деталите на теренот и од македонска страна за реализацијата на трасата на гасно поврзување меѓу Македонија и Грција со интерконектор.
Со овој проект ќе се изградат околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), а Македонија почнува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.
Реализацијата на овој проект е од особено значење за Република Македонија бидејќи се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП како и користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. Со тоа ќе се овозможи транзитирање на природниот гас низ Македонија којшто понатаму може да се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот, со што ќе се поттикне развојот на инфраструктурата за земјите од Западен Балкан.
Следува изработка на физибилити студија којашто ќе ги опфати техничките и економските аспекти на гасното поврзување и ќе понуди конкретни решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од два до три милијарди кубни метри гас.
Со цел да се отпочне реализацијата на проектот оваа година, Република Македонија и Република Грција заедно ќе аплицираат за финансиски средства во меѓународните институции.