Нов протокол за влез во Грција, еве што треба да направите 48 часа однапред

785

Сите патници кои од први јули годинава ќе одат во Грција мораат да имаат пополнета електронска пријава најмалку 48 часа пред влезот во земјата по што на мејл ќе добијат QR код што треба да го покажат при влез во земјата.

Врз основа на скениран QR код, здравствен тим ќе одлучи дали ќе се направи тестирање на патниците или без дополнително задржување ќе продолжат со патот.

Од сите патници се бара да пополнат PLF (Passenger locator form), односно формулар за лоцирање на патници што може да се преземе од сајтот на грчката влада.

Добиениот QR код патниците треба да го испечатат или да го имаат на својот телефон, за да можат службениците на граница да го скенираат.

Прецизирани се протоколи за влез на патници на аеродромите, преку пристаништата или патен сообраќај.

Протоколот за сите патници предвидува да се оди до местото каде што се контролорите, кои ќе го проверат QR кодот на секој патник, од каде, во зависност од QR-кодот, се насочуваат кон местото за преглед (скрининг) или излез (земање на багажот или контрола на пасош).

Додека не пристигнат резултатите од скринингот, од патниците кои се тестирани за коронавирус се бара да одат во самоизолација на адресата наведена во PLF формуларот.

Ако се појават симптоми на респираторна инфекција, патниците мора веднаш да се јават во Оперативниот центар на Националната здравствена организација (EODI).

Во протоколот се нагласува дека сите патници мора да се придржуваат кон сите неопходни мерки за превентивна хигиена (употреба на маски и физичко растојание).

Ако луѓето што пристигнуваат во Грција планираат да застанат на неколку места во земјата, тие мора да го пријават тоа, заедно со нивната оригинална дестинација и маршута.

Нивните податоци се внесуваат во информативниот систем EODI којшто е поврзан со регистарот Ковид со цел полесно да се најдат контакти доколку некој е позитивен за коронавирус.

Фото: Pixabay