Во рамки на ООУ 11-ти Октомври наскоро ќе почне да работи Дневен центар наменет за деца заболени од церебрална парализа во којшто ќе биде обезбедено згрижување за 40-тина деца на различна возраст од целата држава, стои во соопштението.
Објектот, којшто се очекува да биде завршен до крајот на август, ќе содржи 11 простории, меѓу кои занимални, посебни простории за физикална терапија, за дефектолог, логопед, психолог, пристапна рампа, кујна, конференциска сала и друго. Со него децата заболени од церебрална парализа ќе ја добијат потребната помош за полесно справување со болеста, а истиот ќе претставува и поддршка за нивните семејства кои ќе имаат можност на дневна основа своите деца да ги препуштат на стручни лица.
“Со помошта што компанијата Окта ја дава за реконструкција на овој дневен центар се надеваме дека ќе се обезбеди ново место за згрижување на децата со церебрална парализа, кое ќе нуди соодветна нега и терапија, како и секојдневна поддршка за нивните родители. Постојат многу групи граѓани кои што имаат потреба од помош за полесно да справат со секојдневните предизвици, но имајќи ја во предвид бројноста на децата со церебрална парализа, како и отсуството на соодветен центар, сметавме дека во моментов имаат приоритет за добивање на нашата поддршка и целосно внимание“, изјави Јанис Геруланос, Генерален извршен директор на Окта АД Скопје. Тој додаде дека се надева дека нивниот чекор ќе поттикне и други компании да ќе се вклучат во реализација на овој проект.
Дневниот центар ќе биде привремено решение додека трае изградбата на дедицираниот објект во населба Капиштец по чие завршување тука ќе се премести и Дневниот центар. Објектот во ООУ 11-ти Октомври што ќе се користи две години, потоа ќе биде пренаменет за детска градинка со што во овој реон ќе се зголеми и капацитетот за сместување деца од предучилишна возраст.