Новогодишна донација од ОКТА – интерактивни табли за училиштата Иднина и Златан Сремец

70

okta

Училиштата за деца со пречки во развој Иднина и Д-р Златан Сремец добија интерактивни табли како новогодишна донација од ОКТА. Идејата за ваков тип донација произлезе од потребата да се доближат наставните содржини до децата на еден поинаков и поинтересен начин.

„Иднина и Златан Сремец се двете училишта кои ОКТА традиционално ги посетува во предновогодишниот период. Оваа година се решивме за донација која ќе донесе бенефит за сегашните и идните генерации ученици од овие училишта и значајно ќе придонесе кон унапредување на образовниот процес. Интерактивните или паметни табли носат продобивки и за наставниците нудејќи им можност на интересен и ефикасен начин да ја доближат наставната програма до учениците”, изјави Марија Ставрева, менаџер за комуникации и општествена одговорност во ОКТА.

Интерактивните табли како нов и современ начин за изведување на наставата ќе ги задоволат потребите на двете училишта, каде одговорните велат дека значително ќе се олесни секојдневната работа.

„Оваа табла за нас значи голем чекор напред. Имаме можност за применување на наставни содржини од наставни предмети за индивидуална и групна работа, начинот на презентирање да биде исклучително интересен и во процесот на учење да употребиме различни игри за да се научи материјалот, односно да се постигнат веќе поставените цели. Многу сме среќни што оваа година донацијата на ОКТА се однесува на нешто што ќе остане трајно во училиштето и знаеме дека ќе има ефект кај децата, а со тоа го следиме развојниот тренд во воспитно образовниот процес”, изјави Анета Петровска, директор на ПОУ Иднина.

„Кога работите со деца со посебни потреби мора да најдете начин полесно да ја предадете материјата. Со помош на паметните табли ова ќе биде полесна задача за нас, а и олеснување на процесот на совладување на наставните единици за децата. Благодариме за ваквата донација и се надеваме дека и други ќе ја препознаат потребата од донации за училишта како нашите”, изјави Ана Шикалеска, директор на ПОУ Д-р Златан Сремец.

Со оваа донација ОКТА уште еднаш ја докажа својата посветеноста и определба да иницира и реализира општествено одговорени практики кои овозможуваат придобивки за различни групи и сегменти на заедницата.