Собранието на Македонски телеком денеска донесе одлука за исплата на дивиденда за 2013 година во вкупен бруто износ од 2.716.252.939 денари. Бруто износот на дивидендата по акција е 31,49 денари. Исплатата на дивидендата за 2013 година ќе се врши во периодот помеѓу 23 и 30 април 2014 година.
Собранието го одобри и работењето на членовите на Одборот на директори на Македонски Телеком за 2013, а го усвои и Годишниот извештај за работењето на Секторот за интерна ревизија за 2013 година.
Собранието на Т-Мобиле Македонија на состанокот одржан вчера, и Собранието на Македонски Телеком на својата денешна седница ја констатираа оставката на Јанош Сабо и Михај Немет од позицијата неизвршни членови на Одборите на директори и го разрешија Тамош Вагани од позицијата независен неизвршен член на Одборите на директори, почнувајќи од 1 април, 2014 година. За нови неизвршни членови на Одборите на директори на двете Друштва се избрани Атила Кесег и Михаел Франк, а за нов независен незивршен член на Одборите на директори е избран Франк Полц, сите со мандат од четири години, почнувајќи од 1 април, 2014 година.
На вонредните состаноци на Одборите на директори на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, одржани на 26 март, донесени се одлуки за разрешување на главниот директор за техника, Торстен Алберс, кој ќе ја продолжи својата кариера во Хрватски Телеком. Божидар Полдругач е именуван за главен директор за техника на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, почнувајќи од 1 мај 2014 година. Полдругач доаѓа од позицијата Главен директор за техника и ИТ од Хрватски Телеком, со богато дваесетгодишно искуство во областа на телекомуникациските и информатичките технологии.