Од една продавница до 80 милијарди долари и 10.000 продавници низ цел свет

673

Германската компанија Aldi е еден од најголемите светски трговски ланци со годишен приход од 80 милијарди долари и 10.000 продавници ширум светот.

Оваа компанија, како што пренесува BiznisInfo.ba, од својот основач направи мулти – милијардер. Инаку, приказната на Aldi има скромен почеток, бидејќи почнала како мала продавница во германско предградие што ја воделе двајца браќа. Карл и Тео Албрехт официјално го основаат Aldi во 1946 година, по Втората светска војна. Наводно првата продавница ја наследиле од нивната мајка, која првата продавница ја отворила во 1913 година во предградие на градот Есен. По војната се враќаат дома и ја преземаат продавницата што ги преживеала бомбите фрлени во тој град.

Името Aldi доаѓа од кратенката Albrecht Discount.

Браќата воспоставиле модел според којшто продавале само основни намирници, но по ниска цена. Не трошеле пари за реклами, ниту за посебно декорирање на продавницата. Со оглед на тоа што цените им биле пониски од оние на конкурентите, продавницата привлекла голем број купувачи. Браќата успеале да отворат четири нови продавници до 1948 година.

Веќе до 1955 година, тие имале отворено над 100 продавници низ Германија, а штедливоста на браќата станала составен дел од имиџот на компанијата. Тие дури и не сакале да плаќаат да им се намести телефон во продавниците, советувајќи ги раководителите на продавниците да ги користат најблиските телефонски говорници.

По некое време се забележани и првите расправии меѓу браќата. На почетокот на 60-тите години од минатиот век, Тео и Карл се расправале околу тоа дали треба да продаваат цигари во продавниците. Карл верувал дека тутунските производи ќе привлечат повеќе купувачи. Поради несогласувањата, браќата се договориле да го поделат бизнисот. Карл ги презел продавниците сместени во јужниот дел на Германија под името Aldi Sud, додека под контрола на Тео биле продавниците во северниот дел на Германија, под името Aldi Nord.

По ширењето во Европа, првата продавница Aldi е отворена во САД во 1976 година. Aldi Sud се проширил на централниот и источниот дел на САД, а Тео во 1979 година го купил малиот ланец на продавници од Калифорнија под името Trade Joe’s.

Aldi денес ужива голема популарност во САД, а оваа компанија ги принуди американските брендови, како што е Walmart, да ги намалат цените за да останат конкурентни.

Денес, Aldi е присутен насекаде во светот: Австралија, Кина, САД, Полска, Словенија, Италија, Луксембург, Австрија, Белгија, Данска, Франција, Германија, Велика Британија, Ирска, Италија, Унгарија…

По смртта, Тео и Карл оставаат богатство од 38,8 милијарди долари. Луѓето кои ги познавале, за нив кажувале дека иако биле многу богати, до крајот на животот биле штедливи.

Тео бил киднапиран во 1971 година на 17 дена, а на киднаперите им биле дадени седум милиони германски марки за ослободување. Подоцна, тој од германските власти побарал даночно олеснување, односно тој износ да не биде оданочен.

Браќата поголемиот дел од животот го поминале далеку од очите на јавноста, одбивајќи да зборуваат со новинари. И нивните наследници денес се држат подалеку од очите на јавноста.

Сопругата на Тео, Сесилија Албрехт ги исфрлила снаата и петте внуци од семејниот бизнис. Тој нејзин потег наводно предизвикал суди во којшто се води битка за милијарди долари. Причина за таквата одлука на Сесилија е “раскошното трошење“ на нејзината снаа.

Фото: Pixabay