Од први јануари ќе се применуваат измените на Законот за данок на личен доход со кои се става во мирување примената на прогресивниот данок на личен доход, стои во соопштението на Министерството за финансии.
Следните 36 месеци доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10%. Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15%, што значи дека стапка од 10% ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, кога ги најави измените на Законот за данок на личен доход, рече дека не станува збор за негово укинување и дека став на Владата е дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во системот и да даде добри општествени ефекти што би резултирало со поправедно и поразвиено општество.
“За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн во чиј центар е домаќинството, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар, кој ќе биде распореден на сите“, рече тогаш Ангеловска.
Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, коишто овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход. Според анализата, приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2% во однос на потенцијалот. Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6.5 милиони евра, тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, покажува анализата.
Од први јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од еден милион денари на два милиони денари. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот.
Од први јануари се одложува примената на две даночни решенија. Нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност. Новото решение што ќе стапи на сила од 2023 година ги вклучува во оданочување и уделите од инвестициските фондови, кои со досегашното решение беа изоставени. Се воведуваат две даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15% за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10% со којашто ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од една до 10 години.
Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отворање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда. Спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставено на товар на граѓаните и данокот автоматски ќе биде пресметуван и уплатуван во Буџетот.
Од први јануари 2020 година нема да стартува и примената на данок на камати од депозити. Одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот. Дополнително, со одложениот старт на оданочувањето на капиталните добивки и каматите на заштедите, од 2023 година ќе се изедначи третманот на заштедите со долгорочното инвестирањето на граѓаните на пазарот на капитал.
Фото: Pexels