McLaren Beverly Hills официјално ја претстави ограничената серија на моделот Sabre кој е најмоќниот нехибриден модел на британскиот производител.
McLaren Sabre e специјално направен од страна на McLaren Special Operations дивизијата и е дизајниран ексклузивно за Соединетите Американски Држави. Токму ова му овозможи на моделот да користи “идеи и иновации кои глобалната хомологација вообичаено не ги дозволува“.
Компанијата не откри многу детали за спецификациите, но автомобилот се карактеризира со “нос кој штрчи“ и препознатлив преден сплитер. Тука се и вентилираната хауба и тенките предни светла. Кога се гледа кон задната страна може да се забележат и аеродинамичните странични прагови и вратите кои се отвораат нагоре. Сепак, Sabre е многу повеќе препознатлив поради својот карактеристичен заден дел и централната перка која е дел од масивниот спојлер.
На крајот, тука е и големиот дифузер и издувниот систем кој е поставен централно. Дизајнерите исто така инсталираа и лесни тркала кои се поддржани од високо перформансен систем за сопирање.
Фотографиите од ентериерот не откриваат премногу детали, но кабината има двобоен Алкантара тапацир, карбон и нешто што се чини како мал простор за складирање зад потпирачите за глава. Исто така може да се забележи сребрениот трим и “лебдечкиот“ инфозабавен систем.
McLaren не открива многу ниту за техничките спецификации, но потврди дека Sabre е нивниот “најмоќен модел кој не е хибрид“. Користи битурбо V8 мотор кој развива 835 КС и 800 Nm максимален вртежен момент. Ова му овозможува на автомобилот да достигне максимална брзина од 351 километар на час, со што е најбрзиот двосед на McLaren.
Доста прашања остануваат неодговорени, бидејќи сите информации не доаѓаат од седиштето на McLaren, туку од нивното претставништво во Беверли Хилс. Како и да е, првиот Sabre веќе е испорачан до првиот сопственик. Од McLaren Beverly Hills истакнаа дека секој автомобил е колаборација меѓу MSO и купувачот, со што се креирани според нивните точни стандарди за персонализација.
Преземено од Avtoplus.mk