Volkswagen Golf R веќе разви и своевиден култен статус, а фановите можат да бидат задоволни бидејќи новиот модел е уште поспортски и помоќен од претходникот.
Новиот Golf R ќе биде најмоќниот Golf досега, а доказ за тоа е и она што се наоѓа под хаубата. Volkswagen Golf R 2022 ќе се напојува со турбо 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој испорачува 319 КС и 420 Nm максимален вртежен момент. Тоа е зголемување од 27 КС и 41 Nm во однос на претходно.
Најинтересно е тоа што мануелниот менувач ќе биде достапен само за Северна Америка. Во Европа од друга страна Golf R ќе пристигне исклучиво со седумстепен DSG менувач. Сите модели доаѓаат опремени со перформансно ориентиран систем за погон на сите четири тркала наречен R-Performance Torque Vectoring. Станува збор за унапреден погон на сите четири тркала со систем за векторизирање на вртежниот момент.
Со овој систем Golf R е во состојба да префрли 100 проценти од силата на тркалата од левата или десната страна, што би требало да го подобри однесувањето во свиоците и да го елиминира подуправувањето, а самиот модел е многу поагилен.
Благодарение на оваа поставка, новиот Golf R од нула до “стотка“ стигнува за 4,7 секунди. Mаксималната брзина изнесува 250 километри на час.
Спортските карактеристики не се задржуваат само на моторот. Новиот модел доаѓа со спортски систем на потпирање со потврди спирални пружини и анти рол барови. Исто така, тука се и новите и поголеми сопирачки, но и електронско заклучување за диференцијалот и варијабилен сооднос на управувачкиот систем. Возачите ќе можат да избираат меѓу шест различни возачки режими, вклучително Comfort, Sport, Race и Individual.
Благодарение на R-Performance Torque Vectoring системот, новиот Golf R со опциналниот Performance пакет има и режим Drift. Иако нема погон на задните тркала, сепак благодарение на системот и исклучувањето на ESP сето ова е возможно и со новиот Golf R. Тука е и Special режимот, кој е оптимизиран и наменет за Нирбургринг патеката. Golf R исто така добива и Dynamics Manager кој ги следи и оптимизира системите и компонентите во возилото.
Кога станува збор за дизајнот, новиот Golf R добива поспортски и поагресивен изглед. Тука е новиот преден браник со уникатни отвори за воздух и сјајно црни акценти. Моделот исто така се истакнува и благодарение на уникатната решетка со попречна лента која се осветлува веднаш откако моторот ќе биде стартуван.
Движејќи се кон позади, тука се поспортските странични прагови, мат хромираните капаци за ретровизорите и 19-инчните тркала со перформансни гуми. На задниот дел се наоѓаaт спортскиот браник и црниот дифузер. На крајот, тука е спортскиот издувен систем со четири издувни цевки од титаниум кој е дело на компанијата Akrapovič.
Во внатрешноста купувачите ќе забележат спортски седишта со Nappa кожа со сини акценти и R лого на седиштата. Дизајнерите исто така го опремија моделот и со лажен карбонски трим, педали од нерѓосувачки челик и спортски управувач со греење и специјално R копче. Меѓу останатите карактеристики, тука е дигиталниот инструмент кластер како и 10-инчниот инфозабавен систем со R екрани.
Преземено од Avtoplus.mk