Финансиските резултати во првата половина од 2017 година бележат стабилна профитабилност, остварувајќи континуирано подобрување на обемот на продажба на домашниот пазар, што резултираше со постојан пораст на пазарниот удел, заедно со постигнатите оптимални органограмски активности, стои во корпоративното соопштение на Окта објавено на Македонска берза.
Окта уште еднаш, како што се наведува, се покажа како главен гарант за снабдување со гориво во земјата, успешно надминувајќи ги екстремните ситуации со коишто се соочи во текот на првите месеци од 2017 година, и тоа во повеќе наврати. Според тоа, прилагодената ЕБИТДА, како главен показател за оперативната профитабилност на компанијата, изнесува 244 милиони денари за првата половина од 2017 година, достигнувајќи еквивалентно ниво во споредба со истиот период минатата година, и покрај продажбата на Агенцијата за стоковни резерви на Република Македонија, која придонесе врз зголемувањето на прилагодената ЕБИТДА во првата половина од 2016 до ниво од 249 милиони денари и малку повисоките оперативни трошоци.
Стабилните приходи од продажба се зацврстија на позиција од 10.718 милиони денари, што е повисока во споредба со истиот период минатата година кога изнесуваше 8.074 милиони денари. Клучните двигатели за остварените резултати беа големиот обем на продажба на домашниот пазар и подобрена ефикасност.
Истовремено, во првата половина од 2017 година падот на меѓународните цени на горивото негативно влијаеше врз бруто маржата и добивката пред оданочување за 58,5 милиони денари. Ликвидноста на компанијата остана на стабилно ниво и дополнително ја зацврсти позицијата на компанијата, така што овозможи покривање на потребите од обртен капитал како и буџетските капитални расходи. Исто така, Окта успеа да дистрибуира дивиденда втора година по ред во својата историја во јули 2017 година.
Преку својата стратегија за ООП, Окта продолжува да биде посветена на започнување активности кои создаваат широки социјални придобивки. Компанијата обезбеди значителна поддршка за реконструкција на нов дневен центар за деца со церебрална парализа. Често ја помага и организацијата на реномирани музички и културни настани. Со напредокот на својата национална кампања за безбедност на патиштата Јас Внимавам, Окта им додели бројни награди на внимателните возачи и донираше полигони за образовен сообраќај во многу училишта низ целата земја. Вложувајќи во напорите за да ги задоволи потребите на своите клиенти, Окта продолжува со Програма Гаранција за да обезбеди најдобар квалитет на своите производи.
Дополнително, раководството на Окта внимателно ги следи предизвиците и состојбите и преку проактивно планирање, постојано има за цел да обезбеди редовно и непречено снабдување со горива со највисок квалитет на локалните и соседните пазари, додека во исто време продолжува да ја движи компанијата напред преку искористување на можностите кои ќе се појават за натамошно подобрување на деловните резултати и зголемување на оперативната ефикасност.