Онлајн депозит на Халкбанк за едноставно штедење со само еден клик

120

Онлајн депозитот којшто во октомври, месецот на штедење, Халкбанк го понуди на пазарот, претставува иновативен производ којшто овозможува едноставно и лесно, само со еден клик, да почне да се штеди. Производот е наменет за физички лица, корисници на електронско банкарство на Халкбанк и со него клиентите заштедуваат време бидејќи нема потреба од посета на филијала на банката и потпишување и печатење на Договори за депозит.

Може да се штеди во денари или во евра, при што минималниот износ на вложување е 3.000 денари, односно 50 евра, додека максималниот износ е неограничен, согласно расположливите средства на трансакциската сметка (вклучувајќи го и кредитниот лимит). Средства може да се орочат на 6,12 и 24 месеци. Халкбанк за овој производ подготви примамливи каматни стапки од 0,70% за шестмесечно орочување во денари, односно 0,40% ако се штеди во девизи, кај орочувањето на една година каматата за штедење во денари е 1,40% и 0,70% за девизно штедење, додека за депозит орочен на две години каматата е 2,10% за денарско, односно 1,30% за девизно штедење.

Отворање онлајн депозит се прави единствено преку платформата за електронско банкарство. Клиентот се логира на e-банк со корисничко име и OTP (еднократна лозинка) која ја добива на својот мобилен телефон.  По логирање на страницата за електронско банкарство, се појавува икона Отвори Депозит и во четири чекори (пресметка на депозит, потврда за депозит, драфт договор за депозит и договор за депозит) се почнува со штедење. Договорот за електронско орочување на депозит од страна на клиентот и Банката се потпишуваат во електронска форма.

Кај Онлајн депозитот нема можности за дополнителни уплати и исплати. Во случај на предвремено раскинување на договорот, на депозитот се пресметува камата по видување според Одлуката за утврдување на висината на пасивните каматни стапки на Банката, за целото време во кое средствата биле орочени. Предвремено раскинување не може да се изврши електронски од страна на клиентот, туку единствено во филијалите/експозитурите на Банката.

Онлајн депозитот е уште еден чекор на Халкбанк, која е лидер во воведувањето нови современи технологии, во дигитализацијата на финансиските услуги во земјава.