Извозот на сирова нафта минатата година беше на ниво од над илјада милијарди долари, што е 5,4% повеќе во однос на 2018 година.
Според податоците на World’s top exports, “црното злато“ беше број еден извозен продукт во светски рамки, оставајќи го зад себе извозот на автомобили на второ место. Земјите од азискиот континент лани заработија над 443 милијарди долари од извоз на овој енергенс, што претставува 44,1% од вкупниот извоз. Следна е Европа со удел во извозот од 19%, па Северна Америка со 15,5% и Африка со 14,5%.
Анализирано по земји, Саудиска Арабија е извозник број еден на планетата со инкасирани 133,6 милијарди долари од сирова нафта. Втора е Русија со извоз вреден 121,4 милијарди долари, додека на трето место е Ирак со 83,3 милијарди долари.
Меѓу 10-те најголеми извозници на сирова нафта во светот лани беа и: Канада (68,1 милијарда долари), Обединети Арапски Емирати (66,1 милијарди долари), САД (65,3 милијарди долари), Кувајт (42 милијарди долари), Нигерија (41 милијарда долари), Казахстан (33,6 милијарди долари) и Ангола (32,3 милијарди долари).
Од земјите во регионот, Албанија се позиционираше на 55-то место со извезена сирова нафта вредна 213,7 милиони долари. Потоа следуваат: Грција (75,2 милиони долари), Хрватска (61,1 милиони долари), Босна и Херцеговина (343.000 долари) и Србија (270.000 долари).
Фото: Freepik