Поранешниот шеф на Renault, Тиери Болор застанува на чело на Jaguar Land Rover. Тој на позицијата прв човек на француската компанија пристигна во 2018 година по апсењето на Карлос Гон. Тој не се задржа долго време на чело на Renault, со оглед на тоа дека беше отпуштен во 2019 година, бидејќи компанијата сакаше нов почеток по скандалите поврзани со Гон. Болор важеше за еден од најблиските соработници на поранешниот контроверзен шеф на француската компанија, поради што беше жртвуван во интерес на односите со партнерот Nissan.
Сепак, Болор сега си најде нов ангажман и ќе застане на чело на Jaguar Land Rover каде пристигнува на местото на Ралф Спет, кој управуваше со британската компанија повеќе од една деценија, а сега ќе има функцијата на потпретседател.
“Jaguar Land Rover е познат ширум светот поради своето неспоредливо бренд наследство, префинет дизајн и длабок инженерски интегритет. Ќе ми биде привилегија да ја водам оваа фантастична компанија низ најпредизвикувачките времиња на нашата генерација“, изјави Болор.
Новиот шеф на Jaguar Lаnd Rоver ќе ја преземе компанијата во време на криза, со оглед на тоа дека британскиот производител, како и сите останати производители во автомобилската индустрија, се соочува со финансиски проблеми предизвикани од пандемијата на Covid-19, а цел ќе биде брза електрификација на гамата.
“Навистина сум задоволен што го пречекувам Тиери во Jaguar Land Rover. Етаблиран глобален бизнис лидер со докажано искуство во имплементирањето на комплексни трансформации, Тиери ќе донесе богато искуство во една од најтешките позиции во индустријата“, изјави Натарајан Чандрасекаран, претседателот на Tata Motors и Jаguar Lаnd Rover.
Преземено од Avtoplus.mk