Фото: Pixabay
Индустриското производство во ноември оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 4,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2017 година, во однос на ноември 2016 година, е на исто ниво, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 5,7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 4,9%.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во ноември 2017 година, во однос на ноември 2016 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 2,5%, Капитални производи за 25,4% и Трајни производи за широка потрошувачка за 55,6%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 2% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,9%.
Индустриското производство во периодот јануари – ноември 2017 година, во однос на периодот јануари – ноември 2016 година, е зголемено за 0,5%.