Ретко кој на планетата претпоставуваше дека вирус може да има толку силно влијание, не само на здравствената состојба на населението, туку и на неговиот начин на живот. Поради стравот од ширење на заразата, властите побараа од граѓаните да се воздржат од излегување надвор, да излегуваат само ако мораат… Сите овие промени, што од страв, што од претпазливост, во иднина ќе направат многу промени што за некоја година ќе станат сосема нормални.
Начинот на којшто досега купувавме веќе ќе биде фрлен во заборав, затоа што ќе се применува сосема нов и дисциплиниран начин на шопинг. Сè она што може да се купи, ќе се порача преку интернет. Огромниот метеж во супермаркетите, сега е регулиран со строга дистанца меѓу купувачите, а поради скратеното работно време, многумина од нас ќе научат да купуваат не само за следниот ден, туку малку повеќе.
Здравјето ќе биде во преден план. Не само кај поединците, туку и во бизнис секторот. Работодавачите се обидуваат на секаков начин да ги заштитат своите вработени, а тоа да биде прифатливо и за купувачите. Поголема свесност за хигиенските навики, ќе значи внимателно одбирање што се купува, дали има хранливи материи и колкав му е рокот на траење. Во многу земји се во тек и кампањи, чија цел е поттикнување на потрошувачката на домашни производи, со цел да им се помогне на домашните производни капацитети полесно да се справат со последиците од кризата.
Освен за храна, средства за дезинфекција и заштитна опрема, луѓето купуваат и различни производи и материјали за нивното хоби. Тоа го прават за да ја поттикнат креативноста додека седат дома. Наместо само да се седи пред телевизор или пред компјутер, убаво е да се потсетите на некое хоби поврзано со рачна изработка. Освен што продуктивно ќе го поминувате времето, тоа можеби би било и добар начин да заработите, ако сте без работа.
Фото: Pixabay