Претставници на најголеми тур – оператори за активен туризам во посета на Охрид

60

Претставници на 15 најголеми тур – оператори од Северна Америка и Западна Европа што нудат пакети за т.н. авантуристички или активни форми на туризам, заедно со новинарски екипи на најпознатите светски медиуми специјализирани за туристички патувања, пристигнаа во Охрид во рамки на проектот осмислен за да се запознаат со потенцијалите што Република Македонија ги поседува како дестинација што нуди форми за активен туризам.

Во текот на наредните четири дена медиумите и туроператорите ќе патнуваат низ земјата за да се запознаат со локалната туристичка понуда и воспостават контакт во секторот туризам кои во иднина ќе им помогнат да носат странски туристи во Македонија. Македонија ќе бида последната земја која групата ќе ја посети (после Косово и Албанија) како дел од двонеделната тура “Недела на авантури – Западен Балкан“ (AdventureWeek Western Balkans). Турата има за цел да го поврзе домашниот пазар за активен туризам на Косово, Албанија и Македонија со туроператори од Северна Америка и Западна Европа, со цел привлекување на поголем број странски туристи.

Дел од учесниците во турата се: главниот уредник на National Geographic Traveler, Кит Белоус (Keith Bellows); уредничката на Yahoo Travel, Џо Пиаза (Jo Piazza); и уредничката за југоисточна и источна Европа на Lonely Planet, Брана Владисављевич (Brana Vladisavljevic). Од 31-ви август до четврти септември групата ќе ги посети Св. Наум, Охрид, Галичица, Преспа, Хераклеа, Дихово, Трескавец, Крушево, Маврово и Скопје. На четвртити септември учесниците ќе има шанса да ги посети и дел од останатите предели на Македонија, како локалитетот Кокино, Стоби и тиквешкиот регион.

Турата “Недела на авантури – Западен Балкан“ (AdventureWeek Western Balkans) е организирана од страна на Интернационалната Асоцијација за Активен Туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA), во соработка со Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, и голем број на бизниси од секторот туризам во Македонија. Покрај природните убавини на Македонија, групата ќе ужива во традиционална македонска музика, храна и култура, но и ќе учествува во спортски активности како тандем параглајдинг, велосипедизам, искачување по карпи и планинарење.