Еуролинк осигурување во рамки на платформата за Корпоративна општествена одговорност Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности, четврта година по ред распишува конкурс за доделување 35 Еуролинк стипендии за 25 студенти додипломци и 10 стипендии за студенти на постдипломски студии, од Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, стои во соопштението .
Право на аплицирање за добивање Еуролинк стипендија имаат сите редовни студенти кои се запишани на прв и на втор циклус на Правниот факултет Јустинијан Први, во Скопје, кои имаат редовен упис во учебната 2016/2017 година и кои исполнуваат услов за упис во учебната 2017/2018 година. За доделување на стипендијата потребно е студентите да ги исполнат следните услови: студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5, да не се корисници на друга стипендија, да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата. Притоа, студентите имаат можност да аплицираат за 35 целосни стипендии со коишто ќе може да ги покријат трошоците за кофинансирање.
Еуролинк ги поканува студентите на Правниот факултет Јустинијан Први да ги поднесат своите апликации за Еуролинк стипендија од денеска, 15.06. до 01.10.2017 година. За начинот на доставување на документите, потребните документи и апликацијата, студентите може да се информираат и да ги преземат од интернет страницата на Еуролинк www.eurolink.com.mk . Пријавите кои немаат целосна документација и коишто не се доставени навремено и на наведениот начин нема да се разгледуваат и да се оценуваат.
“Посебен акцент ставаме на образованието како основа за создавање доброобразовани поединци. Поддршката и енергијата кои ги вложуваме во овој важен сегмент во општеството имаат за цел да им помогнат на луѓето да се оспособат за да си помогнат самите себеси и на другите, да создадеме доброобразовани генерации, кои ќе бидат носители на напредокот во нашето општество “, изјави Олга Костовска, претседател на Надзорен одбор на Еуролинк Осигурување.
Еуролинк стипендиите се наменети за студентите да ги покријат трошоците за кофинансирање и како поттик за успешно завршување на нивните студии. Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет Јустинијан Први е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.