Проект за зголемување на популарноста на традиционалните занаети во Крива Паланка и Ќустендил

55

Денеска во Крива Паланка беше одржана презентација на проектот Си подаваме раце за подобра иднина, финансиран во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Целта на проектот е да се подобри економскиот статус на занаетчиите и малите и средни стопанственици од пограничниот регион Ќустендил- Крива Паланка преку градење на долгорочни односи и соработка.
Проектот го реализираат организацијата за развој Норгес Вел од Крива Паланка и Регионалната занаетчиска комора од Ќустендил, Република Бугарија.
“Во рамки на проектот одржавме две прес-конференции во Ќустендил и денешната во Крива Паланка, а следната активност ќе биде проучување на европските и националните закони и политики за патентирање и брендирање на занаетчискиот бизнис сектор и малите и средни претпријатија. Во рамките на проектот ќе бидат спроведени и две обуки, од кои првата во Ќустендил, со обука за современите информациски технологии и комуникации, додека втората која ќе се спроведе во Крива Паланка ќе се однесува на менаџмент и бизнис маркетинг”, рече претседателот на Регионалната занаетчиска комора Ќустендил воедно и проект менаџер, Даниела Стојанова.
Стојанова информираше дека ова е втор проект за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија кој се реализира во соработка со Агенцијата за регионален развој и Фондацијата за мали и средни претпријатија од Струмица која ќе се приклучи дополнително на 15 мај 2014 година.
“Проектот Си подаваме раце за подобра иднина е пилот проект на Организацијата за развој Норгес Вел од Крива Паланка, со специфична цел – зголемување на популарноста на традиционалните занаети и бизнис производи, да им се даде значење на локалните производи преку рекламирање во локалните и националните медиуми и на интернет, со што ќе бидат зајакнати малите бизниси од двете страни на границата”, информираше координаторот на проектот Даниела Анастасовска од Норгес Вел, Крива Паланка.
Реализацијата на проектот е предвидена да трае до крајот на декември годинава.