Прогласен македонскиот Microsoft Office Champion 2018

64

Вчера во просториите на i-bank store филијалата на Стопанска банка АД – Скопје, се одржа големото финале од проектот за унапредување на дигиталната писменост во Р. Македонија – Национален MOS (Microsoft Office Specialist) натпревар, стои во соопштението на банката.

На натпреварот кој започна кон крајот на декември 2017, се пријавија повеќе од 1000 млади, од кои 40 со најдобар резултат влегоа во денешното финале. Овогодинешниот победник кој ќе ја застапува Македонија во Орландо, Флорида како најдобар Microsoft Office Specialist е Јорданчо Ефтимов, од Кочани. Јорданчо ќе се натпреварува со претставниците на повеќе од 140 земји и ќе се бори за титулата најдобар Microsoft Office Specialist во светот.

На отворањето на финалето, свое обраќање до јавноста имаа заменик градоначалникот на Град Скопје, г. Енвер Малиќи, г-а Милица Чапаровска – Јовановска, генерален директор за банкарство на мало при Стопанска банка АД – Скопје, директорот на Certiadria г. Марко Серафимовски како и директорката на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасевa.

MOS (Microsoft Office Specialist) натпреварот е наменет за млади лица на возраст од 13 до 22 години, односно за сите ученици од основните и средните училишта, како и студентите на факултетите. Учесниците на овој натпревар имаат можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office алатките: Word, Excel и PowerPoint (2013 или 2016).

За прв пат оваа година се одржа и Националниот Adobe натпревар, на кој се натпреваруваа 100 учесници. Финалето ќе се одржи следната недела. Победникот ќе ја застапува нашата држава во Флорида, САД на светскиот Adobe шампионат.